
За Проектот
ПРЕДИЗВИК:
Загадувањето на воздухот е комплексен предизвик, за кој е неопходно да се пристапи на сите можни нивоа од страна на сите општествени чинители. Тука, пред сѐ, мислиме на ниската свест и недоволна едуцираност во врска со штетните материи кои се испуштаат во атмосферата, при процесите на согорување и на здравствените ефкти кои се последица од загадениот воздух.
Во недостаток на релевантна анализа, претпоставка е дека најголем извор на загадување во општина Струга се домаќинствата кои во зимските месеци своите домови, освен со дрва, јаглен и мазут, ги загреваат со искористени моторни масла, гуми, лакиран паркет, ламинат и сл. Дополнително за зголеменото загадување на воздухот придонесуваат и лицата кои согоруваат кабли, гуми, пластика, стиропор и сл. при сепарирање на метал. Еден од најголемите проблеми на локалните жители е тоа што немаат никакви информации и сознанија за квалитетот на воздухот што го дишат. Отсуството на тие податоци доведува до недоволен притисок од јавноста кон институциите кои се задолжени да им обезбедат квалитетни услови за живот.
Познато е дека зголеменото ниво на суспендирани честички претставува закана за човековото здравје, особено кај децата и кај старите лица како најранлива категорија. Воочливи се тенденциите на зголемување на кардиоваскуларните и белодробните заболувања. Дополнително, немањето информации за квалитетот на воздухот што го дишеме остава простор за сомневање и шпекулации.


ЦЕЛИ НА ПРОЕКТОТ:
За справување со наведените предизвици во однос на квалитетот на воздухот, во рамките на проектот „Воздухот на граѓаните“, дефинирани се следниве цели:
- Информирање на јавноста, особено на најранливите категории на граѓани, за квалитетот на воздухот и можната изложеност на негативни влијанија предизвикани од загадување на амбиенталниот воздух.
- Предлагање на мерки, кои локалното население може да ги спроведе во случај на зголемено присуство на суспендирани честички.
- Мотивирање на локалната самоуправа поефикасно да ги спроведува своите законските обврски во однос на квалитетот на воздухот, адресирајќи ги потребите на најранливите категории на граѓани.
- Поттикнување на локалните медиуми да посветат повеќе простор во своите информативни и едукативни емисии на прашањата поврзани со квалитетот на воздухот и да ги споделуваат податоците добиени од мерењата на дневна основа.


Проектни активности
Целите од проектот ќе бидат реализирани преку имплементација на следниве активности:
- Спроведување онлајн анкетаза перцепцијата на граѓаните за квалитетот на воздухот во Струга,
- Составување на преку 20 индикативни инструменти за мерење на квалитетот на воздухот,
- Објавување на добиените податоци од мерењето на интернет платформа,
- Креирање на инфографици за влијанието на квалитетот на воздухот врз општото здравје,
- Презентирање на добиените податоци на дигитален билборд во центарот на градот, со цел зголемување на видливоста и препознатливоста на проектот и моменталната состојба со квалитетот на воздухот,
- Отворање Инфо-центар каде граѓаните ќе можат да се запознаат со податоците од мониторингот на квалитетот на воздухот, но и да пријавуваат можно загадување, како и да добијат совет за мерки и активности кои може да ги преземат за унапредување на квалитетот на воздухот и сопственото здравје,
- Промовирање на проектот и неговитерезултати преку учество на тематски гостувања на локална радио станица, информирање за тековните активности на локални и национални телевизии, на социјални медиуми (фејсбук и инстаграм) и на официјалната веб страна на проектот.
Иницијативата “Воздухот на граѓаните“ ја спроведува ИПО „Крсте Јон“ од Струга во рамки на проектот “Справување со загадувањето на воздухот“ кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица.
Овој проект е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од Шведска. Во рамки на програмата, исто така, се спроведува и проектот “Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“.
БУЏЕТ: 1.638.000 МКД
ПЕРИОД НА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА: Ноември 2023 – Август 2024
ЛИЦЕ ЗА КОНТАКТ: Никола Кукунеш, Асистент на проектот
e-mail: kukunes@gmail.com
Очекувани резултати
Очекувани резултати од проектот се:
Очекуван резултат 1: Инсталирана мерна мрежа за квалитетот на воздухот во општина Струга, преку која граѓаните ќе можат да ги добиваат измерените резултати во реално време.
Очекуван резултат 2: Квалитетот на воздухот во општина Струга се следи редовно, при што податоците се достапни до сите засегнати страни.
Очекуван резултат 3: Зголемена свест кај локалното население за презентираните наоди и воопшто за загадувањето на воздухот.

